Свет 07. април 2020. / 15:59

Екс претседателка на ФЕД прогнозира 30% пад на американската економија

Екс претседателка на ФЕД прогнозира 30% пад на американската економија

Пандемијата од корона вирусот ќе нанесе огромни штети врз американската економија во престојните неколку месеци, вели поранешната претседателка на американските Федерални резерви (ФЕД) Џенет Јелен.

Ова е огромен, разорен удар без преседан, вели Јелен додавајќи дека стапката на невработеност во земјата веројатно веќе стигнала до 12 или 13 проценти и истата продолжува да расте бидејќи милиони Американси секојдневно остануваат без работа.

Таа наведува дека БДП на САД ќе биде најмногу погоден во периодот од април до јуни, проценувајќи дека економскиот пад во вториот квартал ќе изнесува 30 проценти.

Јелен изразува извесен сомнеж дека економското опоравување на САД ќе забележи агресивен раст по завршувањето на кризата откако претпријатијата повторно ќе почнат со работа, но сепак не го отфрла и таквото сценарио.

Се зависи од тоа колкава ќе биде вкупната штета и колку време економската активност ќе биде замрзната како што е во моментов.

Од ова ќе зависи и дали работодавците ќе можат брзо да ги вратат работниците на работните места и дали финансиите на потрошувачите ќе бидат доволни за да може да се врати потрошувачката на првичното ниво како пред почетокот на пандемијата.