Европската комисија денес им исплати 14 милијарди евра на девет земји членки на ЕУ како дел од втората рата на финансиска поддршка за земјите-членки во рамките на инструментот „SURE“, се вели во соопштението од Европската комисија.
Хрватска доби 510 милиони евра, Кипар 250 милиони евра, Грција 2 милијарди евра, Италија дополнителни 6,5 милијарди евра, Летонија 120 милиони евра, Литванија 300 милиони евра, Малта 120 милиони евра, Словенија 200 милиони евра и Шпанија дополнителни 4 милијарди евра.
Оваа поддршка, во форма на заеми дадени под поволни услови, ќе им помогне на овие земји-членки во решавањето на ненадејните зголемувања на јавните трошоци за зачувување на вработените. Поточно, средствата ќе помогнат да се покријат трошоците директно поврзани со финансирањето на националните шеми за работење со скратено време и други слични мерки што ги воспоставија како одговор на пандемијата на коронавирусот, вклучително и за самовработените.
На крајот на октомври, Италија, Шпанија и Полска веќе добија вкупно 17 милијарди евра според инструментот на ЕУ„SURE“.
Откако ќе бидат завршени сите исплати на 9-те земји кои добиваат финансиска поддршка денес, Хрватска ќе добие 1 милијарда евра, Кипар 479 милиони евра, Грција 2,7 милијарди евра, Италија 27,4 милијарди евра, Летонија 192 милиони евра, Литванија 602 милиони евра, Малта € 244 милиони, Словенија 1,1 милијарда евра и Шпанија 21,3 милијарди евра.
„SURE“ инструмент може да обезбеди финансиска поддршка до 100 милијарди евра за сите земји-членки. Комисијата досега предложи да се стават на располагање 90,3 милијарди евра финансиска поддршка за 18 земји-членки.