САД за помалку од една недела забележаа еден милион нови случаи на коронавирус и ја преминаа границата од вкупно 11 милиони случаи, објави Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Границата од 10 милиони заразени во Соединетите држави беше надмината на 9 ноември, а бројот на случаи со Ковид-19 во САД во неделата вечерта беше 11.025.046, што значи дека уште еден милион луѓе биле заразени за само шест денови.
Вкупно 246.108 лица починаа од Ковид-19 во САД.
Соединетите држави остануваат најтешко погодената земја во светот со оваа епидемија, а од почетокот на ноември постои тенденција на влошување, поради што властите на неколку сојузни држави и градови воведоа нови ограничувања.
Чикаго, третиот по големина град во земјата, од денес влегува во изолација, додека Њујорк, кој беше силно погоден во првиот бран пролетта, се обидува да се спротивстави на новиот бран воведувајќи нови мерки за баровите и за рестораните.
Училиштата сепак ќе останат отворени.