Свет 02. февруари 2021. / 23:30

Еден ден по апсењето на лидерката на Мјанмар, се уште не е позната локацијата каде се наоѓа

Еден ден по апсењето на лидерката на Мјанмар, се уште не е позната локацијата каде се наоѓа
epa07079895 Myanmar's State Counsellor Aung San Suu Kyi attends the joint press announcement of the Japan-Mekong Summit Meeting at the Akasaka Palace State Guest House in Tokyo, Japan, 09 October 2018. Japan is to deepen economic cooperation with Mekong region countries. EPA-EFE/FRANCK ROBICHON / POOL

Националната лига за демократија (НЛД), на притворената лидерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи, денеска побара од армијата, која ја презеде контролата во земјата, ослободување на Аунг и признавање на изборната победа на НЛД на изборите што се одржаа во ноември минатата година.

Еден ден по апсењето на Аунг се уште не е позната локацијата каде се наоѓа, а висок претставник на НЛД изјави дека таа е во добра здравствена состојба.

Според неименувани извори од НЛД, претседателот на Мјанмар Вин Мјин и Аунг се во куќен притвор, како и околу 400 други функционери и членови на Парламентот.

На улиците во Најпјитав и во Јангон денеска е мирно, а безбедносните сили се распоредени на главните точки. Повторно се воспоставени телекомуникациските врски, но меѓународниот аеродром во Јангон останува затворен.

Разни активистички групи, меѓу кои и најголемата „Младинска мрежа на Јангон“ денеска објавија голем број пораки испратени на социјалните мрежи со кои се повикува на граѓанска непослушност.

Претседателот на САД, Џо Бајден вчера, по  воениот удар се закани со нови санкции кон Мјанмар. Воениот удар и апсењето на голем број владини претставници го осудија и Австралија, Индија, Европска Унија, Јапонија и Велика Британија, додека Кина соопшти оти ја следи ситуацијата и побара сите страни да го почитуваат Уставот.

Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи итен состанок поради новонастаната ситуација во Мјанмар.

Армијата на Мјанмар вчера прогласи вонредна состојба, ја презеде власта и соопшти дека уапсила високи владини функционери, меѓу кои и Аунг, поради наводни измами на минатогодинешните избори. Власта во Мјанмар му е предадена на командантот на вооружените сили, генерал Мун Аунг Хлаинг.