Свет 02. јули 2019. / 17:12

Џонсон предупредува: ЕУ не смее да управува со Британија по Брегзитот

Џонсон предупредува: ЕУ не смее да управува со Британија по Брегзитот

Борис Џонсон, водечкиот кандидат за нов британски премиер, изјави денес дека новата британска влада мора да отфрли каков било договор за раздружување со Европската Унија кој го вклучува постоечкиот заштитен механизам за ирската граница и дека ирското прашање може да се реши во преговорите за договорот за слободна трговија, порачувајќи дека ЕУ не смее да управува со Британија по брегзитот.

Чувствителното прашање на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска и заштитниот механизам кој би требало да спречи повторно воведување гранични контроли по брегзитот се претворија во најтешкиот проблем во преговорите за разводот на Лондон и Брисел.

Заштитниот механизам, таканаречениот бекстоп, навистина претставува инкохерентност во срцето на стратегијата која ја следиме во последните неколку години – наводно сакаме да излеземе од ЕУ, додека всушност сме спремни да останеме во царинската унија и во целосна регулаторна усогласеност, кажа Џонсон на собир во Северна Ирска.

Тоа е речиси исто како да излеземе од ЕУ, а ЕУ и понатаму да управува со нас.

Затоа мислам дека луѓето во оваа земја сакаат Обединетото кралство да излезе како целина и дека прашањето за бекстопот треба да го решиме во контекст на договорот за слободна трговија и да ги искористиме приликите кои брегзитот ни ги дава да постапуваме поинаку, заклучи Џонсон.