Во телевизиско обраќање до нацијата, британскиот премиер Борис Џонсон ја објави одлуката со која, поради ковид кризата, Англија до средината на март ќе биде во карантин.
Според мерките, се препорачува работа од дома, освен за оние што работат во сектори во кои тоа е невозможно.
Граѓаните ќе може да излегуваат од своите домови единствено да пазаруваат прехранбени продукти или лекарства, поради медицински причини или за обезбедување нега на немоќни лица.
Сите училишта ќе бидат затворени најмалку до средината на март, а ќе останат отворени само за децата на работниците во клучните сектори за справување со ковид кризата и за оние од ранливите семејства.
Студентите не се враќаат во кампусите и наставата ќе се одвива онлајн.
Полицијата добива законски овластувања за спроведување на драконските мерки.
Причината за вака ригорозниот режим се последните бројки на заразени.