Државниот секретар на САД Мајк Помпео ја започна денес посетата на Северна Кореја, со цел да утврди детали за обврските на Пјонгјанг во однос на денуклеаризацијата. Ова е трета посета на Помпео во Пјонгјанг од април, а прва после самитот на претседателот на САД, Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на 12 јуни во Сингапур.
Главна задача на Помпео е да го растера се поголемиот скептицизам во однос на сериозноста на Ким Џонг Ун да се откаже од нуклеарниот арсенал и да придонесе со конкретни активности во тој поглед после оптимистичката реторика на лидерите на САД и Северна Кореја, пренесе АП.
„Нашите лидери на самитот во Сингапур преземаа обврски за целосна денуклеаризација на Северна Кореја и скицираа основа за можна промена на односите меѓу САД и Северна Кореја. Јас сега ќе се обидам да утврдам некои детали на овие обврски и да продолжам кон спроведување на она што двајцата лидери си ветија еден на друг и на светот. Очекувам Северна Кореја да е подготвена да го стори истото“, рече Помпео за време на патувањето.
Тој на аеродромот бил пречекан од шефот на севернокорејската дипломатија Ри Џонг Хо и висок функционер на владејачката Комунистичка партија, Ким Џонг Чол.