Бројот на починати од коронавирусот во Њујорк, жариштете во САД, надмина 10.000 откако здравствените власти додадоа над 3.700 лица за кои се сомневаат дека починале од Ковид-19 во вкупниот број на смртни случаи, но не биле тестирани.
Ова е вознемирувачко зголемување на смртноста во Њујорк, што исто така го зголеми вкупниот број на жртви во САД за дури 17 проценти. Само амбулантни возила и полицијата се движат низ празните улици на најголемиот град на Америка придружени со звукот на сирените.
Здравствените власти во Њујорк забележаа уште еден необичен факт: епидемијата веројатно индиректно доведе до скок на смртноста на граѓани кои можеби никогаш не биле заразени. Во Њујорк, всушност, починале три илјади повеќе луѓе помеѓу 11 март и 13 април отколку што може да се очекува во истиот временски период во „обична“ година.
Иако овие смртни случаи не биле експлицитно поврзани со вирусот, тие можеби не ќе се случиле доколку не се појавеше епидемијата, делумно затоа што здравствениот систем бил потресен и окупиран од случаите поврзани со Ковид-19.