Свет 09. јули 2018. / 16:13

Дојче Веле: Ердоган првиот султан на модерна Турција

Дојче Веле: Ердоган првиот султан на модерна Турција

Денеска во Турција и официјално стапува на сила претседателски систем. Претседателот Реџеп Таип Ердоган добива овластувања и моќ како ниту еден негов претходник досега.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган денеска ќе положи заклетва во парламентот. Со тоа Турција и официјално ќе премине од парламентарен во претседателски систем. Поминаа само 13 години откако партијата АКП, чиј основач и лидер е Ердоган, со поддршка од населението ги започна преговорите за членство во ЕУ. Тогаш се чинеше дека демократијата, слободата на мислење и социјалниот мир се во подем.

Сега пак Турција се подготвува да му даде досега невидена моќ на претседателот, кој со години е наостроен сѐ поавтократски, поисламистички и понационалистички. Со одземањето на парламентарната контролна функција тој сега ја има контролата врз извршната власт. Сега, со овластувањето да ги избира и судиите, тој ќе го контролира и судството.

Нема споредба со Франција и САД

Ерсин Калајчоглу од Политичкиот центар на универзитетот Сабанџи упатува на тоа дека сз уште е нејасно како ќе се смени системот: „Досега со нас се дебатираше само за основите на новиот систем, така што ниту јавноста ниту научниците не ги знаат деталите“, вели Калајчоглу.

Ердоган постојано повторуваше дека и други големи демократии имаат претседателски систем. Но, новиот систем во Турција во голема мера се разликува од претседателските системи во САД и полупретседателскиот систем во Франција. Така, во САД претседателот нема овластување да го распушти Конгресот. Ердоган пак може да го распушти парламентот и да распише нови избори. Во Франција парламентот ги бира судиите во Уставниот суд. Во Турција претседателот носи одлуки кои се однесуваат на највисокиот суд.

Повеќе: Сета моќ за Ердоган: Што сѐ смее турскиот претседател?(КЛИК)

Ерсин Калајчоглу ги нагласува автократските карактеристики на претседателскиот систем во Турција. „И во американскиот и во францускиот систем постои силно граѓанско општество, а ние овде го немаме.“ Ердоган исто така во иднина може неограничено да носи декрети. Досега тоа беше дозволено само во услови на вонредна состојба. Тоа значи дека Ердоган може во секое време да го прескокне судството. Претседателски систем кој функционира со независно и непристрасно судство е практично невозможен. Политикологот Догу Ергил ја дели загриженоста на неговиот колега Калајчоглу. Поделбата на власта и независно судство кои се најважни за една демократија сега се практично укинати, вели Ергил.

Исто така, Догу Ергил укажува на неодамнешните анкети на јавното мислење во Турција, според кои САД се помалку популарни во Турција отколку во Иран. Во јавноста има се понепријателски ставови кон САД и ЕУ, укажува тој и тоа независно од политиката на Ердоган.