Свет 16. јануари 2020. / 12:12

Договорот меѓу САД и Кина предизвика мал пад на акциите на европските, а мал пораст на азиските берзи

Договорот меѓу САД и Кина предизвика мал пад на акциите на европските, а мал пораст на азиските берзи

Пред потпишувањето на првата фаза на трговскиот договор меѓу САД и Кина, на европските берзи се забележа благ пад на акциите. Причина за таквиот тренд се двоумењата на инвеститорите поради најавата од Вашингтон дека остануваат на сила царините на кинескиот увоз.

Индексот „STOXX 600“ на водечките европски акции беше околу 9,30 плус 0,1 проценти.

Во Лондон индексот „FTSE“  падна за 0,15 проценти на 7.632 поени, додека франкфуртскиот „DAX“ оствари 0,10 проценти на 13.445 поени и парискиот „CAC“ 0,05 проценти на 6.033 поени.

Цените на акциите утрово се зголемија на азиските берзи, така што „MSCI“ индексот на азиско-пацифичките акции, со исклучок на јапонските, се зголемија за 0,15 проценти.

На берзата во Токио, пак, индексот „Nikkei“ се зголеми за 0,1 проценти на 23.937 поени.

Американскиот претседател Доналд Трамп и заменик кинескиот премиер Лиу Хе вчера во Вашингтон ја потпишаа првата фаза од трговскиот договор. Со тоа е завршена трговската војна меѓу САД и Кина, која негативно влијаеше на глобалната економија повеќе од 18 месеци.

Според потпишаниот договор, Кина во наредните две години треба да купи американски производи и услуги во вредност од околу 200 милијарди долари, наспроти досегашните 186 милијарди долари.

Но, царините што досега ги воведоа двете страни остануваат.

Трамп најави дека царините ќе бидат укинати кога ќе се постигне договор и во втората фаза, за што наскоро треба да почнат преговорите.