Свет 02. февруари 2020. / 17:30

Додека трае епидемијата на коронавирусот се појави и птичји грип

Додека трае епидемијата на коронавирусот се појави и птичји грип

Додека трае епидемијата на коронавирусот во Кина, во земјата се појави и старо-новата болест птичји грип. Според кинеското Министерство за земјоделство и рурални работи, птичјиот грип се појавил на една фарма во градот Шаојанг, во покраината Хунан, при што угинале 4.500 кокошки, односно повеќе од половина од вкупниот број живина.

По избивањето на заразата, во овој град угинале речиси 18.000 кокошки. Министерството наведува дека причина за појавата на птичјиот грип е високо заразниот подтип на грипот Х5Н1.

Од 2003 година досега, од птичји грип починаа 455 луѓе низ светот, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Вкупниот број на птици кои угинаа од оваа болест се проценува на околу 120 милиони.

Коронавирусот може да се шири и преку дигестивниот систем Кога станува збор за коронавирусот кинеските научници открија дека тој може да се пренесе од едно на друго лице и преку дигестивниот систем.

Научниците од болницата „Ренминби“ од Универзитетот во Вухан и Институтот за вирологија дошле до тоа откритие откако проучувале ректални брисеви на пациенти.

Како што се наведува, пациентите заразени со коронавирус кои ги анализирале имале само дијареја, а не и класични симптоми како висока температура.

Се претпоставува дека дијарејата го овозможува фекално-оралниот пат за пренесување на вирусот, особено ако не постои соодветна санитарна инфраструктура и хигиенски навики, како темелно миење на рацете.