Свет 08. ноември 2020. / 22:22

Додека светот е насочен на изборите во САД, што се случува во Нагорно-Карабах?

Додека светот е насочен на изборите во САД, што се случува во Нагорно-Карабах?

Завршија изборите во САД и светот своето внимание повторно го насочува кон војната во Нагорно Карабах.

Како што кажува претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, неговата држава го искористила светското медиумско отсуство во конфликтот и за тоа време успеа да освои значителна територија. Денес во телевизиското обраќање тој објави дека азербејџанските сили го зазеле градот Шуша.

Ерменија сепак го негираше заземањето на градот и рече дека борбите се во тек. Заземањето на стратешки важниот град би било голема победа за Азербејџан во тековниот конфликт околу спорната територија. Шуша се наоѓа на ридовите над главниот град на Нагорно Карабах и лежи на патот што го поврзува градот со ерменската територија. Доколку биде освоен, тоа би можело да послужи како стојалиште за напад врз главниот град и целосно освојување на територијата.

– Ослободувањето на Шуша ќе влезе во историјата на азербејџанскиот народ. „Нема сила во светот што може да нè спречи, рече Алиев ветувајќи дека ќе го поврати Нагорно Карабах на неговата земја.

– Ние ја добивме победата на бојното поле, не на преговарачката маса, изјави Алиев.

Нагорно Карабах е со мнозинско христијанско население, меѓународно е признат како дел од Азербејџан, но со него управуваат етнички Ерменци, поддржани од ерменската влада. Азербејџан е со мнозинско муслиманско население.

Периодов двете страни меѓусебно се обвинуваат за почетокот на конфликтот. Инаку, војната меѓу двете земји околу регионот заврши во 1994 година со примирје, но без мировен договор.