Укажувачот Рафаел Але, денеска ја доби европската награда за слобода на говорот. Наградата „Новинари, укажувачи и чувари на правото на информирање” денеска во Европскиот парламент му ја додели Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа и Европскиот центар за заштита на правата на свиркачите.
Але беше во центарот на вниманието на Европа, откако пред четири години ја откри аферата Луксликс.
„Ова беa бурни години. Не е лесен животот по откривање на афера. Луксликс протече благодарение на мене во ноември 2014, но, изминатиот период не беше лесен ниту за мене, ниту за моето семејство.“ – изјави Але.
Инаку, за европската награда за слобода на говорот беа номинирани и македонските укажувачи Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, но на доделувањето присутен беше само Ѓорѓи Лазаревски. Костовски и овојпат остана далеку од очите на јавноста.
Двајцата, како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, три години работеле со цел да го документираат нелегалното прислушување на над 20.000 граѓани. Разговорите подоцна станаа докази на Специјалното јавно обвинителство за обвиненија на 94 лица и седум компании.
Европската награда за слобода на говорот годинава беше доделена во чест на убиената истражувачка новинарка од Малта, која настрада откако во нејзиниот автомобил беше поставена бомба.