Свет 09. август 2019. / 14:06

Ди Мајо порача дека не се плаши од избори

Ди Мајо порача дека не се плаши од избори

Потпретседателот на италијанската Влада, Луиџи ди Мајо изјави дека неговото Движење 5 ѕвезди не стравува од избори, откако неговиот коалициски партнер, десничарската Лига на Матео Салвини соопшти дека коалицијата се распаѓа и потребни се нови избори.

Ние сме подготвени, ниту малку не сме загрижени за положбата во владата и никогаш не сме ни биле – нагласи Ди Мајо.

Тој го обвини вториот вицепремиер Салвини, кој според анкетите на јавното мислење убедливо води според популарноста, дека ја користи земјата за лична промоција и поради тоа Италијанците порано или подоцна ќе се свртат против него.

Салвини синоќа истакна дека повеќе не е можно да се надминат разликите во владејачката коалиција и единствен начин да се реши кризата е одржување нови избори.

Тој го известил премиерот Џузепе Конте дека коалицијата на неговата партија со антисистемското Движење пет ѕвезди се распаднала и неопходно е колку е можно побрзо одлуката да ја донесат избирачите.