Свет 20. ноември 2018. / 13:43

Шведска: Депортациите продолжуваат и покрај масовниот протест на левицата

Шведска: Депортациите продолжуваат и покрај масовниот протест на левицата

Околу десет одбиени авганистански баратели на азил беа транспортирани до аеродромот во Стокхолм за депортација во понеделникот вечерта по масовниот протест пред притворскиот центар за миграција, пренесува „Локал“. Портпаролот на полицијата потврди дека авганистанските граѓани биле однесени со автобус од центарот за притвор во Марста, северно од Стокхолм, до аеродромот Арланда во Стокхолм.

Портпаролот рече дека трансферот се одвивал “релативно мирно” иако мал број од околу 100 демонстранти биле отстранети од местото на настанот.

Првичните извештаи од активистите велат дека 48 лица требало да бидат депортирани во понеделникот вечерта, но само околу 10 лица бике во автобусот. Не е познато дали други луѓе биле однесени на аеродромот од центарот, но честа појава се практичните пречки за депортација во последен момент што значи дека планираните депортации не секогаш одат според планот.

Депортацијата требаше да биде извршена со чартер авион до Кабул, информира мрежата „Младите во Шведска“ која водеше кампања против принудните депортации во земјата за која се тврди дека не е безбедна.

Лево ориентираните активисти спроведоа кампања против континуираните депортации на Авганистанци последнава година, вклучувајќи ги и претходните протести на аеродромите во Шведска. Шведското МНР контунирано ги предупредува граѓаните да ги избегнат сите патувања во Авганистан поради безбедносната ситуација, но Агенцијата за миграции тврди дека делови од земјата, вклучувајќи го и главниот град Кабул, се доволно безбедни за барателите на азил да бидат вратени таму .