Италија соопшти дека бројот на излечени луѓе од Ковид-19 во рок од 24 часа бил 2.563. Тоа е рекорд од почетокот на пандемијата во земјата во која од вирусот починаа речиси 23.000 луѓе.
Ова е најголем број оздравени лица откако почна кризата – информира Анџело Борели, шеф на службата за цивилна заштита, додавајќи дека смртните случаи за последниот ден биле 575.
Во Италија има 107.000 регистрирани пациенти, што е за 355 повеќе од претходниот ден. Во некои региони, како Торино, Неапол и Рим, овој број паѓа.
Друг рекорд во Италија е оној со бројот на тестови извршени од здравствените услуги, кои беа над 65.000 за 24 часа. Нешто повеќе од пет проценти од нив беа позитивни.
Ова е уште еден показател за ефективноста на мерките за изолација преземени за ограничување на заразата – вели Франко Локатели, шеф на Високиот совет за здравство.
Тој на прес-конференција изјави дека имало 4.068 лица на интензивна нега на 3 април, а последните бројки се за нешто повеќе од 2.800.
Анџело Борели изрази задоволство што притисокот врз болниците веќе е олеснет. Тој истакна дека ова дава претстава за огромната работа направена во болниците и соработката на граѓаните.
Како одговор на променливата состојба, брифинзите за епидемијата веќе нема да бидат секој ден, туку во понеделник и четврток. Резимеата на тековните податоци ќе бидат објавени секој ден на веб-страницата на Службата за цивилна заштита.
Повеќе од 10 проценти од заразените лица со корона вирусот во Италија се здравствени работници. Две третини од нив се жени.