Овој евтин и широкодостапен лек за третина го намалил ризикот од смртност кај лицата на респиратор, а за една петтина кај оние на кислородна поддршка
Дексаметазон, евтин и широкодостапен лек може да помогне во лекувањето на пациентите заразени со коронавирус кои се во тешка состојба.
Британски експерти, како што објавува Би-би-си, тврдат дека третманот со мала доза од овој стероид може да биде многу успешен во борбата против смртоносниот вирус. Лекот се покажал ефикасен при третманот на лица на респиратори, при што за третина го намалил ризикот од смртност, додека кај оние на кислородна поддршка за една петтина.
Лекот дексаметазон во моментов е дел од најголемите тестирања во светот за потенцијалниот третман за коронавирус.
Истражувачите проценуваат дека ако лекот се користел во Велика Британија од почетокот на пандемијата можеле да се спасат до 5 000 животи. А, бидејќи е евтин, може да биде од голема корист во сиромашните земји кои се борат со голем број заболени со ковид-19.
Според Би-би-си, 19 од 20 пациенти заразени со коронавирусот закрепнуваат без да доаѓаат во болница. Од оние што се хоспитализирани, повеќето исто така закрепнуваат, но на некои може да им треба кислород или механичка вентилација. Ова се пациенти со висок ризик кај кои дексаметазонот се покажал како успешен лек.
Дејството на лекот е во намалување на воспаленијата кај низа други состојби, и се проценува дека помага во спречување на оштетувањата што можат да се појават кога имунолошкиот систем е целосно насочен кон справување со коронавирусот.
Ваквата претерана реакција на имунолошкиот систем се нарекува цитокинска бура и може да биде смртоносна.
Во истражувањето, предводено од тим од универзитетот Оксфорд, околу 2 000 пациенти биле подложени на третман со дексаметазон и биле споредувани со речиси 4 000 други кои не го примале лекот.
За пациентите на респиратор лекот го намалил ризикот од смрт од 40 на 28 проценти, додека кај пациенти на кои им бил потребен кислород, тој го намали ризикот од смрт од 25 на 20 проценти.
Ова досега е единствениот лек што се покажа дека ја намалува смртноста и тоа значително. Тоа е огромен напредок“,изјави за Би-би-си шефот на истражувачкиот тим, професорот Питер Хорби.
Главниот истражувач, професорот Мартин Ландреј, вели дека наодите сугерираат оти на секои осум пациенти на кои им треба респиратор би можел да се спаси еден живот. Кај пациентите на кислородна поддршка може да се спаси еден живот на секои 20 до 25 ако се третираат со лекот.
Дексаметазон се користи уште од раните 60-ти години на минатиот век за лекување широк спектар состојби, како што се ревматоиден артритис и астма.
Лекот се дава интравенски на интензивна нега и во форма на таблети за помалку сериозно состојби. Досега единствениот друг лек докажан во корист на пациентите со ковид е ремдесивир, антивирусен лек кој се користи за борба против ебола.
Тестирањата на овој лек покажаа дека тој го намалува времетраењето на симптомите на коронавирус од 15 дена на 11, но немаше цврсти докази дека ја намалува и смртноста. За разлика од дексаметазонот, ремдесивирот е нов лек, чија цена допрва треба да се оформи.