Француската државна секретарка за европски работи Амелија де Мончалин, предупреди дека Европската Унија ќе се соочи со прашањето за нејзиниот опстанок доколку од кризата со корона вирусот земјите-членки не излезат обединети.
Мораме апсолутно сите заедно да се подготвиме за излез од кризата и за заздравување, да се подготвиме за периодот по кризата и мораме да покажеме дека сме заедно и сме ефикасни – изјави де Мончалин.
Таа прецизира дека Европската централна банка отворила програма од 750 милијарди евра за поддршка на земјите, што е без преседан.
Ги укинавме правилата од Пактот за стабилност за дефицитот, што, исто така, е без преседан – прецизираше таа и потсети на планот од 40 милијарди евра на на ЕК.
Де Мончалин вели и дека сега се размислува што да се направи во периодот по кризата.
Не можеме да се изземеме од таа солидарност. Ако некои мислат дека можат да се изземат, тоа ќе има големи последици за европскиот проект. Нашата Европа е Европа од акција, солидарност. Доколку некој тоа не го сака, се поставува прашањето за неговото место, за тоа што уште 27 земји треба да направат, а тоа тогаш е фундаментално, егзистенцијално прашање – предупреди француската политичарка.
Лидерите на ЕУ во четвртокот, под притисок на Италија, која е во најтешка состојба со пандемијата на корона висуот, се договорија во следните 15 дена да разгледаат силни мерки за соочување со најавената рецесија.