Свет 05. октомври 2019. / 11:42

Данска бара забранa за продажба на конвенционални автомобили во цела ЕУ до 2030 година

Данска бара забранa за продажба на конвенционални автомобили во цела ЕУ до 2030 година

Данска, поддржана од десет земји членки на ЕУ, бара усвојување стратегија за постепена забрана за продажба на бензински и дизел возила во рамките на Европската Унија до 2030 година. Целта на ваквата иницијатива е спречување понатамошни климатски промени. Данска ја претстави ваквата идеја на министерскиот состанок на кој беа собрани шефовите на министерствата за животна средина на сите земји членки на ЕУ, што се одржа во Луксембург.

Целите врзани за 2050 година се составен дел од планот на Урсула ван дер Лејен, новиот претседател на Европската комисија, која предвидува Европа да стане првиот „климатски неутрален континент“ до тој момент (2050 година). На оваа средба данската делегација го претстави ставот дека е апсолутно неопходно да се намалат емисиите во транспортниот сектор, бидејќи е единствениот сегмент кој моментно бележи зголемување на обемот на штетни испарувања.

Европската унија има за цел да ги намали емисиите на штетни гасови до 40% до 2030 година, додека извршната власт на Унијата, или Комисијата, планира да го намали тој параметар за да го запре процесот на глобално затоплување, за кој се убедени дека е во тек.

– Мора да признаеме дека сме малку притиснати од времето – изјави данскиот министер за клима и енергија, Дан Јоргенсен.

Данска уште во октомври 2018 година објави дека има намера до 2030 година да ја забрани продажбата на сите возила со погон на фосилни горива. Сепак, таа идеја е напуштена затоа што тоа би било кршење на важечките правила во рамките на Европската унија.

Јоргенсен изјави дека дозволувањето на некои членки на ЕУ да воведат забрани за продажба на возила придвижувани од дизел и бензин, доволно ќе го зголемат притисокот врз Европската комисија за да се предложи целосна, но постепена забрана за продажба на конвенционални возила во наредните децении.

Тој истакна и дека во моментов не постои консензус во рамките на Унијата за општа забрана за продажба на конвенционални автомобили и смета дека нема ништо лошо да им се овозможи на одделни земји да ја спроведат најавената мерка.

Земјите кои ја поддржуваат идејата дека мора да се стори нешто по однос на штетните емисии, се пред се Литванија, Летонија, Словенија и Бугарија. Овие земји особено го истакнуваат проблемот со извоз на користени возила од територијата на Западна Европа на истокот од континентот.

Јоргенсен вели дека е свесен за важноста на комуникација на ваквите долгорочни стратегии со производителите на автомобили, а Данска сака да ја води Алијансата од 10 држави што ќе ја поддржат стратегијата за фазно откажување од конвенционалните возила, со истовремено овозможување на одделни земји-членки на ЕУ да донесат автономни одлуки.

Во тој случај, верувам дека другите би го следеле примерот – тврди Јоргенсен.