Тоа што германската канцеларка, првпат од руската анексија на Крим во 2014 година, го повика на билатерална средба во Германија, рускиот претседател Владимир Путин би можел да му се заблагодари во голема мерка на американски претседател Доналд Трамп и неговиот курс во надворешната политика.
Непропуштањето на Трамп во секоја прилика да ги критикува Германија и ЕУ, заканата кон европските држави дека ќе го повлече американскиот безбедносен чадор во рамките на НАТО, повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор, како и казнувањето на ЕУ со давачки за челик и алуминиум, а Турција со царини и санкции, придонесе Меркел и Путин често да комуницираат во четири очи, и покрај спротивставените ставови.
Прво, во мај оваа година тие се видоа на билатерална средба во Сочи, а потоа Меркел на крајот на јули во Берлин, речиси тајно, го прими рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валери Герамисов, предизвикувајќи изненадување во дипломатските кругови и не давајќи јасен одговор зошто токму првиот човек на руската армија доаѓа кај канцеларката. Формално, темите беа ситуацијата во Украина и во Сирија, но невообичаено е до германските медиуми да не протекоа никакви детали од разговорите.
Веќе од обраќањето на јавноста на двајцата лидери, пред разговорите во дворецот Месеберг во близина на Берлин, всушност би можело да се слушне дека нивните спротивставени ставови за многу прашања, како што е Украина, не се смениле. Сепак, она што на прв поглед не можеше да се забележи од краткото обраќање без новинарски прашања, е фактот дека во тричасовните разговори на голем број на теми, како што се Сирија, иранскиот нуклеарен договор, но политиката на Трамп со санкциите, провејуваше споменувањето на една земја – Турција.
Всушност, германската канцеларка, колку и да имала критики за потезите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, меѓународните околности ја принудуваат да направи колку што е можно повеќе за во Турција да не дојде безбедносно и финансиско пропаѓање.