Документи, кои неодамна ги објави американската разузнавачка агенција ЦИА, покажуваат дека САД му помагале на ирачкиот претседател Садам Хусеин додека го напаѓал Иран со боен отров во 1988 година.
Како што објави американскиот портал „Форин полиси“, американската војска и разузнавачките служби знаеле за тоа и не направиле ништо за да ги спречат серијата напади со нервен гас.
За време на војната со Иран во 1988 година, САД преку сателитски снимки дошле до податоци дека Иран стратешки ќе напредува со тоа што ќе искористи дупка во ирачката одбрана, а американските разузнавачи на Ирачаните им откриле каде се распоредени иранските трупи, свесни дека силите на Хусеин ќе ги нападнат со хемиско оружје, вклучувајќи и со сарин.
„Форин полиси“ посочува дека Ирак употребил сарин во четири напади на почетокот на 1988 година, а нападите биле осмислени врз основа на американските сателитски снимки. Тие напади го принудиле Иран да седне на преговарачката маса. Воедно тоа биле и последните во серијата напади со хемиско оружје кои траеле неколку години и за кои знаела администрацијата на тогашниот претседател Роналд Реган.
Долго време американските власти негираа дека знаеле за ирачките хемиски напади, тврдејќи дека Хусеин никогаш не најавил такво нешто.
Во објавените документи се заклучува дека ЦИА тврдела оти Иран не може да дојде во посед на докази дека Ирак употребувал хемиско оружје, иако самата агенција имала такви докази.