Свет 07. јануари 2021. / 19:32

Членови од администрацијата на Трамп даваат оставки

Членови од администрацијата на Трамп даваат оставки

Дел од членовите на администрацијата и блиски соработници на американскиот претседател Доналд Трамп веќе поднесоа или најавија дека ќе поднесат оставка, а министерот за национална безбедност побара Трамп да го осуди насилството во Вашингтон.

Рајан Тали, главниот советник на претседателот Доналд Трамп за односите со Русија, денеска поднесе оставка, а се очекува да поднесат оставки и уште неколкумина членови на Советот за национална безбедност.

Вршителот на должноста министер за национална безбедност, Чад Волф го повика денеска Трамп да го осуди насилството на неговите поддржувачи кои се обидоа да спречат потврда на изборната победа на Бајден во Конгресот.

-Видовме дека некои поддржувачи на претседателот се обидоа со насилство да ги остварат своите политички цели. Тоа е неприфатливо, изјави Волф кој порача дека нема да даде оставка.

Оставка во текот на вчерашниот ден меѓу другите даде и Стефани Гришам која работи во канцеларијата на првата дама Меланија Трамп, а беше и секретарка за односи со јавноста во Белата куќа.