Речиси 44 отсто од вработените во хотелите во САД или околу четири милиони луѓе, би можеле да останат без работа поради кризата предизвикана од пандемијата на корона вирус, предупреди Американската асоцијација за хотелско и друг вид сместување.
Според првиот човек на Асоцијацијата, Чип Роџерс, најголеми последици и загуби ќе претрпат главните туристички центри – Њујорк, Калифорнија, Невада и Флорида, кои годишно се посетени од околу 125 милиони домашни и странски туристи.
– Влијанието врз нашата индустрија е многу посериозно од се она што досега сме го доживеале, вклучувајќи ги и терористичките напади на 11 септември 2001 година и големата рецесија во 2008 година – истакнува Роџерс.
Според него, Белата куќа и Конгресот мораат да преземат итни мерки за заштита на огромен број работни места, како и да им се дадат олеснувања на вредните работници и да им се обезбеди на раководствата на малите претпријатија и на сопствениците на франшизи, кои претставуваат над половина од хотелите во САД, да можат и понатаму да ги остават своите врати отворени за работниците.
Само минатата недела, синџирот хотели „Мериот“, кој во светот има над 130.000 вработени, почна со отпуштање на работници.