Свет 21. април 2020. / 16:01

Чешките власти прават истражување за одредување неоткриени случаи на заразени со корона вирус

Чешките власти прават истражување за одредување неоткриени случаи на заразени со корона вирус

Во Чешката Република се спроведува сеопфатна студија за да се утврди бројот на неоткриени случаи на луѓе заразени со корона вирусот во државата.

Според министерот за здравство Адам Војтех, околу 27.000 лица на возраст меѓу 18 и 89 години во следните две недели ќе бидат тестирани во различни делови на земјата, каде што ширењето на заразата е различно.

Во тестовите се вклучуваат доброволци, но и избрани групи на луѓе со хронични заболувања. Исто така, во Прага и Брно на анализи ќе бидат подложени и голем број деца.

Причина за ваквото истражување е тоа што значителен број на носители на вирусот воопшто немаат или имаат само благи симптоми. Сепак, постои загриженост дека тие ненамерно може да го пренесат вирусот на други луѓе.

Резултатите од оваа студија ќе им помогнат на властите да изготват планови за постепено олабавување на рестриктивните мерки изречени за спречување на пандемијата. Според Министерството за здравство, досега во земјата се заразени 6.914, а починале 196 луѓе.