Чешката влада прогласи вонредна состојба, која стапува на сила во понеделник, и воведе мерки што вклучуваат ограничување на собири и забрана на мјузикли и опери како дел од борбата против нови случаи на Ковид-19.
Земјата со 10,7 милиони жители забележа повеќе од 43 000 случаи и 50% зголемување на смртноста овој месец – втор по големина европски скок во случаи по Шпанија – по летото со релаксирани мерки и неподготвеноста на земјата да ги заостри ограничувањата.
Министерот за здравство Роман Примула, епидемиолог и армиски полковник веднаш најави заострување на мерките што ќе траат две недели, пренесува Ројтерс.
Државата ќе ги ограничи собирите во затворени простории на 10 лица, а собирите на отворено на 20. Спортските натпревари ќе продолжат, но без гледачи.
Театрите и кината може да работат, но концертите, мјузиклите и оперите ќе бидат забранети, бидејќи тие се сметаат за поризични настани поради ширењето на аеросолните честички за време на пеењето.
Покрај тоа, средните училишта во високо ризичните провинции ќе се префрлат на учење на далечина во понеделник, приклучувајќи им се на универзитетите кои во голема мерка се префрлија на настава преку Интернет.