Преживеаните од нападот на Перл Харбор, кој се случил на 7 декември 1941-та, оваа година годишнината ќе ја одбележат дома, поради забраната за собири, поттикната од зголемената бројка заболени од коронавирус.
Со години илјадници луѓе – преживеани, активни членови на војската, туристи и локални жители – присуствуваа на церемониите во морнаричката база на Хаваи во чест на убиените во јапонскиот воздушен напад.
Оваа година церемонијата ќе биде затворена за јавноста и ќе биде пренесувана во живо на интернет. Таа вклучува минута молк во 7.55 часот, моментот кога започнал јапонскиот напад, како и прелет на воени авиони.
Лани тројца преживеани во нападот присуствуваа на церемонијата на Хаваи, но оваа година никој од нив нема да биде таму поради загриженоста од пандемијата.
Морнарот Мики Генич, кој има 101 година, присуствувал на најголем дел од церемониите, но оваа година ќе остане во неговиот дом во Калифорнија.
-Мора така да биде, сега е такво времето, изјави тој за АП.
Во нападот, чија цел беше уништување на американската пацифичка флота, загинаа 2.390 Американци, од кои 1.177 беа маринци на воениот брод Аризона, кој потона во пристаништето девет минути откако на него падна јапонска бомба.
Бродот се уште се наоѓа на пристаништето, а меморијалот изграден овде секоја година е посетуван од приближно два милиони луѓе.