Свет 15. ноември 2018. / 12:44

Бројот на жртви од пожарот во Калифорнија се искачи на 56

Бројот на жртви од пожарот во Калифорнија се искачи на 56

Бројот на жртви во најсмртоносниот пожар во историјата на Калифорнија се зголеми на 56, а 130 луѓе се водат како исчезнати во огнената стихија што веќе една седмица беснее во сојузната американска држава.

Властите соопштија дека се пронајдени уште осум тела, со што бројот на жртвите се искачи на 56, а полицијата објави ревидирана листа од 130 лица што нивните најблиски ги пријавиле како исчезнати кога минатиот четврток пламените јазици го зафатија населеното место Парадајс, околу 175 километри северно од Сан Франциско, пренесе агенцијата АП.

Војниците на Националната гарда се приклучија во потрагата по рушевините во овој речиси целосно изгорен град во северна Калифорнија, објави „Ројтерс“.

Повеќето луѓе на листата со исчезнати се постари од 65 години. Првично, околу 230 лица беа пријавени за исчезнати во пожарот наречен Camp Fire.

Повеќе од 8.900 куќи и други објекти изгореа во областа на Парадајс и неговата околина, а за 50.000 луѓе од овој регион останува во сила налогот за евакуација.