Бројот на новозаразени од Ковид-19 во Шведска во изминатите 24 часа порасна од 20.302 на 21.092, а бројот на починати се зголеми за уште 124, на вкупно 2.586, соопшти шведската Национална здравствена агенција.
Шведска, во која животот и покрај пандемијата се одвива речиси вообичаено, смета дека нејзиниот пристап кон епидемијата успеал, но бројките покажуваат поинаку, оценува „Си-Ен-Ен“.
Стапката на смртност во Шведска е значително поголема отколку во многу други земји од Европа и достигна повеќе од 21 на 100.000 луѓе, покажуваат податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс.
Ова не е крај… Пред нас е долг пат. Се надеваме дека ќе видиме малку попозитивна слика во Стокхолм, не постои остро растечка крива – изјави шефот на националната агенција за здравство Јохан Карлсон на прес конференција.
Шведската Влада ги затвори државните граници за странци кои не живеат во ЕУ и забрани јавни собирања на повеќе од 50 луѓе.
Градинките и основните училишта се отворени, средношколците и студентите учат од дома.
Шведска на епидемијата на коронавирусот реагираше невообичаено.
Земјата, за разлика од многу европски соседи, не воведе строги ограничувања во животот на граѓаните, а сликите на луѓе кои одат на работа по прометни улици или седат по кафулиња и барови предизвикуваат различни реакции во светот.
Фирмите, од фризерски салони до ресторани, останаа отворени, иако на граѓаните им се советува да работат од дома секаде каде што тоа е можно.
Шведската влада на 7 април донесе закон со кој се овозможува брзо постапување и донесување одлуи за привремени мерки таму кае што е потребно.
Домашни посети се забранети од 1 април, а Министерството за здравство ги замоли граѓаните да се воздржат од патувања кои не се неопходни, да држат растојание и да преземат лична одговорност.
Контрастот на Шведска во однос на другите нордиски земји е голем. Финска прогласи вонредна состојба, ги затвори училиштата и забрани собирања на повеќе од 10 луѓе, ограничи патување до и од регионот Усима и на 1 април ги затвори рестораните, кафулињата и баровите.
Данска беше меѓу првите земји во Европа која ги затвори границите, продавниците, училиштата и рестораните и забрани масовни собирања.
Норвешка почна да воведува ограничувања во патувањата во средината на март и ги затвори училиштата и градинките, забрани употреба на објекти за одмор, откажа настани и ги затвори фризерските и козметичките салони.