Во Кина досега се пријавени 3305 смртни случаи од Ковид-19, а смртните случаи денес во Соединетите држави достигна 3424 лица, пренесува ДВ.
САД сега се трети во светот во однос на смртните случаи за време на пандемијата, зад Италија (11.591) и Шпанија (8189).
Додека бројот на заразените и починатите се зголемува во Европа и во САД, драматично се намалува во Кина каде веќе се укинати строгите карантински мерки во многу градови и прогласија крај на епидемијата. Во последните 24 часа, Кина има регистрирано само 79 новозаболени, а САД дури 11.881.
Градот Њујорк, во моментов е центар на епидемија во Соединетите држави и се обидува да го олесни веќе преоптоварениот здравствен систем. Огромниот конвенциски центар во градот, како и тенискиот центар кој е домаќин на УС Опен, се претворени во привремени болници. Покрај тоа, воен болнички брод со 1.000 кревети е закотвен вчера во градското пристаниште.
Само во државата Њујорк се пријавени над 1.200 смртни случаи.