Бродот-болница на американската морнарица закотвен во пристаништето на Њујорк ќе почне да прима пациенти во понеделник, јави Си-Ен-Ен.
На бродот ќе се примаат пациенти кои немаат Ковид-19 симптоми, а со тоа преполните болници во градот ќе ослободат капацитети да можат да примаат нови пациенти заразени со корона вирусот.
Според Си-Ен-Ен, на бродот можат да дојдат пациенти кои ќе покажат потврда дека немаат корона вирус, па затоа досега таму биле примени само тројца. Сега, тестовите за корона вирус може да се направат на самиот брод и доколку лицето е со симптоми на Ковид-19, тоа ќе биде пратено во градска болница, а во случај на негативен тест, лекувањето може да продолжи на бродот.
Во меѓувреме, на повикот на градот Њујорк за волонтери се јавија 82 илјади медицински работници за да го надоместат недостатокот на такви кадри во болниците и здравствените установи на градот.
Њујорк го тресе силна епидемија на коронавирусот. Досега, во градот Њујорк се регистрирани 1.905 жртви од корона вирусот, а на ниво на сојузната држава вкупно заболени се речиси 114 илјади, додека вкупно починале 3.565 лица.