Законот за спречување на Брегзит, што завчера го усвоија пратениците во Долниот дом на британскиот Парламент, денеска е на дневен ред и на Горниот дом, Домот на лордовите.
Долниот дом се согласи дека во понеделник ќе ги разгледа и амнадманите на Домот на лордовите и дека владата има намера да го подготви законот да и биде претставен на кралицата. Предложениот закон беше усвоен од пратениците во средата со што тие му нанесоа огромен пораз на премиерот Борис Џонсон.
Непотврдени информации говорат дека е можно приврзаниците на Брегзит намерно да го одложат усвојувањето на законот за тој да не добие согласност од кралицата, пред Парламентот следната недела да се распушти.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин претходно изјави дека неговата партија бара законот да ја добие согласноста од кралицата, па потоа да се разгледа барањето на Џонсон за распишување предвремени избори.
Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа вети дека никогаш нема да го одложи излегувањето на Велика Британија од ЕУ, закажано за 31 октомври, истакнувајќи дека попрво би бил мртов во ендек отколку да го стори тоа.
Запрашан дали може на британската јавност да и вети дека нема да оди во Брисел и да бара ново одложување на рокот на излез на земјата од ЕУ, Џонсон кажа „можам да го ветам тоа. Попрво би бил мртов во ендек“.
Во говор во полициска станица во северна Англија тој се запраша каква би била смислата од одложувањето на излезот на Велика Британија од ЕУ, пренесуваат британските медиуми.