Свет 03. април 2019. / 16:13

Британски војници пукаат во фотографија на Корбин

Британски војници пукаат во фотографија на Корбин

Видеоснимка што кружи на социјалните медиуми на која војници пукаат во слика од лабуристичкиот лидер Џереми Корбин ќе биде испитувана од британската армија, соопшти британското Министерство за одбрана.

Поранешниот армиски наредник Тревор Култ ги објави снимките на Твитер, велејќи: „Не му се пишува добро на лабуристичкиот лидер“. Култ оттогаш го избриша клипот од 26 секунди, кој навидум потекнува од Снепчет.

Министерството за одбрана потврди дека видеото на кое британски војници пукаат во слика на Корбин во стрелиштето во Кабул е автентично.

Портпаролот на армијата соопшти дека се свесни за „целосно неприфатливото“ однесување на војниците на видеото, кое „паѓа далеку под високите стандарди што ги очекува Армијата“, инсистирајќи дека „е покрената целосна истрага“.

Снимката предизвика бес на социјалните медиуми, а многумина го потсетија Култ дека лабуристичката пратеничка Џо Кокс беше убиена пред помалку од три години. Некои истакнаа дека други британски пратеници исто така добиваат закани по живот и дека ова доаѓа еден ден откако неонацист беше осуден за планирање убиство на лабуристичката пратеничка Рози Купер.

Култ потоа тврдеше дека сликата на постерот со Корбин е фотошопирана, тврдејќи на Твитер дека е „штета што тоа не е реално!“. Потоа и твитот беше избришан.