Свет 08. јуни 2020. / 22:00

Британски научници: Ригорозните мерки спасија над три милиони жители во Европа

Британски научници: Ригорозните мерки спасија над три милиони жители во Европа

Британски научници објавија дека строгите мерки за изолација, вклучително и затворањето на продавниците и училиштата, ја намалиле стапката на пренесување на корона вирусот во Европа до тој степен за да бидат доволни да го доведат нејзиното ширење под контрола, со што биле спречени повеќе од три милиони смртни случаи.

Во студијата за влијанието на мерките за изолација во 11 држави, научниците од Империал колеџот во Лондон велат дека драконските мерки, воведени претежно во март, имаат значаен ефект и помогнале да се намали стапката на репродукција на болеста до почетокот на мај.

Стапката на репродукција покажува колку во просек ќе зарази едно инфицирано лице. Стапка поголема од еден може да доведе до експоненцијално ширење на инфекција.

Научниците од Империал колеџ проценуваат дека од почетокот на мај, меѓу 12 и 15 милиони луѓе во 11 земји (Австрија, Белгија, Велика Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Швајцарија) биле заразени со вирусот.

Споредувајќи го бројот на смртни случаи со бројот на смртни случаи предвидени со нивниот модел доколку не биле воведени мерки, тие утврдиле дека се спречени околу 3,1 милиони смртни случаи.

Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Нејчр“.