Свет 30. август 2018. / 13:06

Британија ја ограничува возраста за конзумирање енергетски пијалоци

Британија ја ограничува возраста за конзумирање енергетски пијалоци
Британската влада размислува да воведе забрана на продажба на енергетски пијалаци на деца поради штетните последици по здравјето.

Таканаречените енергетски пијалаци содржат високо ниво на шеќер и кофеин и се поврзани со дебелината и голем број други здравствени проблеми. – Имајќи предвид дека илјадници млади луѓе редовно консумираат енергетски пијалаци, бидејќи се поевтини од другите безалкохолни пијалаци, ние ќе ја разгледаме забраната за продажба на овие пијалаци на децата – рече премиерката Тереза Меј, се вели во соопштението.

Адолесцентите во Британија, кои пијат енергетски пијалаци, консумираат околу 50 отсто повеќе пијалаци од нивните врсници во Европа.

Владата започна консултации во кои ќе побара експертско мислење за возраста во која треба да се забрани потрошувачката на енергетски пијалаци. Новата политика се однесува само во Англија, додека Шкотска, Велс и Северна Ирска сами ќе ја одредат стратегијата во тој поглед. Забраната ќе се однесува на пијалаци кои содржат 150 милиграми кофеин или повеќе за литар.

Некои трговци веќе забранија продажба на енергетски пијалаци на деца под 16-годишна возраст. Исто така, во април оваа година, стапи во сила посебен данок за шеќер во безалкохолни пијалаци во Велика Британија.