Британски докторант е осуден на доживотен затвор во Обединетите Арапски Емирати поради шпионажа за владата на Обединетото Кралство.
31-годишниот Метју Хеџс, кој што инаку живее во Ексетер, бил уапсен на 5-ти мај и денес е осуден на доживотен затвор во Обединетите Арапски Емирати. Тој отпатувал во ОАЕ за да направи истражување за својот докторат и интервјуирал извори за надворешната политика и безбедносната стратегија на оваа земја.
Тој бил осуден за шпионажа и за споделување на чувствителни безбедносни и разузнавачки податоци на трета страна и сега има 30 дена за да испрати жалба до судот.
За целата работа да биде уште поконтроверзна, Хеџс кој што негирал дека врши шпионажа, воопшто немал адвокат на судењето, а целото сослушување во судот траело само пет минути.
Поради овој случај, реагираше британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант кој што порача дека поради начинот на кој што Хеџс е осуден, ќе има сериозни последици во односите помеѓу двете земји. Според него, ваква пресуда не се очекувала од „пријател и партнер“ на Велика Британија.
Британецот бил уапсен на 5-ти мај оваа година на аеродромот во Дубаи, откако еден човек рекол дека Хеџс се распрашува за чувствителни информации. Тој од тогаш, пет месеци помина изолиран во самица се до октомври кога беше пуштен условно на слобода.