Свет 12. февруари 2020. / 15:36

Британците вработени во Европската комисија во трка по двојно државјанство

Британците вработени во Европската комисија во трка по двојно државјанство

Повеќе од 50 Британци вработени во Европската комисија во Брисел се здобиле со ирски пасоши за да си обзебедат успешно продолжување на своите кариери. Според податоците на Комисијата, процесот на смена на пасошите започнал по март 2017 година кога беше активиран членот 50 од Лисабонскиот договор за излегување на Обединетото кралство од Европската унија.

Според ирската државна телевизија, 10% од вкупно 569 лица со ирски пасоши, вработени во Европската комисија, поседуваат и британски пасоши. Право на ирски пасош има секој кој има родител или баба и дедо родени во Ирска.

Се смета дека обезбедувањето на двојно државјанство од друга земја-членка на Унијата може да ја подобри перспективата за професионален развој на британските државјани вработени во ЕУ.

Меѓутоа, во документот на Комисијата изрично се посочува дека таквата промена на државјанството не дава автоматски гаранција за иднината на вработените и оти секој случај ќе биде внимателно и поединечно разгледуван.

Британците во Европската комисија не се единствените, кои бараат двојно државјанство. Тоа важи и за обичните Британци, зашто според податоците од минатиот месец 1.403 Британци во Белгија биле натурализирани и добиле белгијски пасоши.