Швајцарските банки во последно време бележат значително поголем број клиенти од Британија , кои ги префрлаат таму своите пари од страв пред Брегзит без договор.
Богатите Британци се плашат и од зголемените даноци во случај на изборна победа на Лабуристите.
–Бројот на сметки отворени од Велика Британија се зголеми тројно во последните месеци, соопшти извор од одделот за управување со средства во голема меѓународна банка во Швајцарија.
Швајцарските банки не објавуваат детали за клиентите, но изворите велат дека кога станува збор за клиенти во Велика Британија, повеќето сметки ги отвориле богатите британски граѓани кои сакаат да пренесат дел од нивниот имот во Швајцарија, добро познато засолниште за богат имот од целиот свет.
Трендот несомнено се засили во последните неколку недели, според извор од голема швајцарска банка.
Богатите Британци сакаат да го заштитат својот имот и во случај Лабуристите да дојдат на власт во Велика Британија и наскоро да воведат повисоки даноци, изјави друг извор.
-Тие најмногу се плашат од Корбин (лидер на британските Лабуристи), вели извор во швајцарскиот оддел за управување со имот на друга голема меѓународна банка.
Од јуни 2016 година по одлуката за референдум за излез на Велика Британија од ЕУ, фунтата ослабе меѓу 17 и 18 проценти во однос на доларот и еврото. Остануваат само неколку недели до објавениот датум за Брегзит, а условите и можните последици за економијата на Велика Британија сè уште се неизвесни.
Најновата статистика што ја има Банката за меѓународни порамнувања (БИС) покажува дека Британците на крајот на март имале скоро 19 милијарди американски долари во Швајцарија. За споредба, тие за време на финансиската криза чувале околу 30 милијарди американски долари во алпското финансиско засолниште.
Меѓу популарните финансиски засолништа на богатите Британци е и Луксембург, каде што на крајот на март чувале 14 милијарди долари.