
Последниве неколку години во светот имаше голем број на случаи на протерување дипломатски претставници, за кои случаи официјалното соопштение беше дека имало пречекорување на овластувањата и дејствувањето како акредитирани дипломати, што преведено со други зборови значи дека биле протерани заради некаков вид на шпионажа (политичка, економска, воена и сл.). Ваквите случаи се само потврда на една одамна апсолвирана констатација, дека разузнавачката компонента во составот на функцијата на дипломатијата отсекогаш имала значајна улога и служела за оперативно покривање и разузнавачко истражување на државата, регионот и важните стратегиски области. Основната задача и на разузнавачката дејност и на дипломатијата е да се залагаат да ја заштитат својата држава од изненадувања, при што собираат прецизни и точни податоци за постојниот или потенцијалниот противник, како и за економски цели, на пример остварување на услови за инфилтрација на домашниот капитал во странските држави. Тие собираат, анализираат и испраќаат назад во својата држава податоци од политичка, економска, воена, културолошка и од друга природа за животот во државата во која се распоредени. Но, бидејќи најважните податоци се по правило добро чувани и заштитени, дипломатијата е во тесна врска со разузнавачката дејност. Вклопувањето на разузнавачката компонента во организационата шема на дипломатските претставништва нема унифициран карактер и е подложно на промени, зависно од околностите и потребите. Професионалните разузнавачи најчесто својата дејност ја вршат преку функцијата на секретар или технички персонал во амбасадите. Дипломатските претставништва, со обзир на поголемиот степен на безбедност, привилегии и имунитет, а со тоа и намален ризик од полициски и судски прогон, како и сигурната комуникација со централата во својата матична земја, несомнено пружаат најповолни можности и услови за непречена работа при извршувањето на разузнавачките задачи. Близината до голем број на личности од водечките политички, воени, економски и научни кругови на противникот ја даваат можноста да се стапи со нив во контакт и да се продолжи со нивна понатамошна обработка.
Користењето дипломатски претставници за прибирање информации и вршење други задачи од разузнавачки карактер е составен дел од работата на сите светски разузнавачки служби, како и од работата на специјализираните оддели кои се наоѓаат во рамките на министерствата за надворешни работи на голем број држави. Па така, сите знаеме дека во минатото одредени градови се сметале за шпионски легла и во нив во исто време оперирале голем број разузнавачи, од кои добар дел имале акредитации за дипломати, но и за новинари, трговски претставници и слично, а дел од нив работеле прикриено, односно легендирано под други имиња и идентитети. Најеклатантен пример за ова се своевремено Казабланка и Берлин, кои биле главните центри на разузнавачка дејност. Денес, ако се направи одредена анализа каде имаше најмногу примери на протерување дипломати заради пречекорување на своите овластувања, што е поблага форма на изразот фатени во шпионски активности, предничат Женева и Брисел, и двата града домаќини на голем број меѓународни институции и седишта на огромни корпорации. Потврда за ова може да се најде и во интервјуто со директорот на белгиската служба за контраразузнавање Алан Винантс, објавено пред неколку години во EU Observer, а во кое тој зборува за тешкотиите кои ги има неговата служба во справувањето со голем број на разузнавачи, и фактот што добар дел од нив се акредитирани како дипломатски претставници во голема мера ја отежнува работата на неговите оперативци. Огромната концентрација на дипломати кои се вработени во дипломатските претставништва на своите држави, но и во институциите на меѓународните организации со седиште во Брисел (НАТО и огромниот број на ЕУ институции), само дејствува во потврда на тврдењето дека Брисел е моментално шпионскиот центар на светот. Ако се навратиме уште еднаш на претходно споменатото интервју, Винантс дава своја процена дека бројот на активни разузнавачки оперативци во Брисел е еднаков, а можеби и поголем отколку за време на Студената Војна.