Европските новинари денеска упорно бараа одговор од портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич, дали ЕУ го осудува новиот контроверзен израелски закон, наречен закон за нација-држава, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европските дописници денеска на редовниот брифинг на Европската Комисија бараа Брисел јасно да се изјасни, но добија само дипломатски одговори.
„Демократијата и еднаквоста, вклучително и правата на малцинствата се клучни вредности кои ги дефинираат нашите општества и мора да продолжат да бидат основа на нашето партнерство и да бидат почитувани, рече Коцијанчич, но одби да одговори дали ЕУ ќе го суспендира Договорот ЕУ-Израел врз основа на членот 2 кој вели дека „односите помеѓу двете страни ќе се заснова на почитување на човековите права и демократијата“.
Запрашана повеќе пати дали ЕУ го осудува овој закон и дали ЕУ ќе објави реакција, портпаролката изјави дека ЕУ „продолжува да дискутира со нејзините израелски партнери за овој закон“ и дека ги користи сите достапни средства, не само јавни изјави“.
Законот за нација, меѓу другото, го признава Ерусалим како „целосна и обединета“ престолнина на Израел, прашање кое е предмет на меѓународните преговори помеѓу Израел и Палестина и за кое меѓународната заедница смета дека не може да биде решено пред да се постигне договор помеѓу двете страни.
Со новиот закон, изгласан ноќеска, израелската држава му го одзема на арапскиот јазик својот официјален статус, и му доделува само „специјален статус“, додека пак го дефинира Израел како „дом на еврејскиот народ“. Законот исто така им доделува на еврејските заедници „национална вредност“ и бара државата да ги поддржува и охрабрува, предизвикувајќи дополнителна загриженост за нелегалната израелска окупација врз палестинските територии. Понатаму текстот предвидува дека еврејскиот народ има „ексклузивно право на самоопределување“.
Законот, исто така, никаде не споменува еднаквост или права за малцинствата.
Изгласан со 62 гласа спрема 55, овој текст добива важност на „основен закон“, што во Израел има вредност на Устав.
Арапските пратеници во израелскиот парламент законот го нарекоа смрт на „таканаречената израелска демократија“.