Свет 02. септември 2019. / 21:07

Борис Џонсон се подготвува за распишување предвремени избори

Борис Џонсон се подготвува за распишување предвремени избори

Британскиот премиер Борис Џонсон се подготвува за распишување предвремени избори пред историската пресметка со Парламентот поради Брегзит.

Според британските медиуми , ветувањето на Џонсон за излегување на Британија од ЕУ со или без договор на 31 октомври , ја води земјата кон уставна криза и битка со другите 27 земји членки на ЕУ.

Опозициските пратеници со „бунтовниците“ во владејачката Конзервативна партија на Џонсон се подготвуваат да ја искористат контролата врз парламентот и да и ги врзат рацете на владата со закон со кој ќе се блокира излезот без договор, стравувајќи дека тоа ќе биде погубно за земјата.

Останаа само 24 часа додека не се собере парламентот по летната пауза, приврзаниците на Џонсон ги предупредија „бунтовниците“ во партијата дека доколку гласаат против владата, тие ќе бидат сменети.

Со оглед на тоа што е нејасно дали британскиот парламент може да се реши на Брегзит, сега се зборува за можни избори.

Ние сакаме општи избори“, рече водачот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин за да се избрише „лажната, популистичка клика “ на Џонсон.

Тој додаде: „Треба да се собереме за да не излеземе без договор – оваа недела би можела да биде нашата последна шанса“.

Британскиот весник „Сан“ објави дека Џонсон планира да распише предвремени избори доколку парламентот ја победи владата во врска со нејзиниот план да ја напушти ЕУ без договор.

Во тој случај Џонсон би можел да распише предвремени избори во среда и тие би се одржале пред состанокот на Советот на ЕУ на 17-ти октомври.