Eврокомесарот за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел смета дека Европа била „малку наивна“ во однос на Кина, но нејзиниот пристап станал пореален.
Борел оцени дека Кина подеднакво е и економски партнер на Европа и „системски ривал што се обидува да промовира алтернативен модел на владеење“.
И Кина и ЕУ се залагаат за мултилатеризам и тоа ги става на иста страна, но тоа не значи дека тие делат погледи за глобалното владеење, особено во време на криза – изјави Борел во интервју за францускиот весник „Журнал ди диманш“.
Борел објасни дека Европејците поддржуваат ефективен мултилатеризам со ОН во центарот, додека Кина „практикува селективен мултилатеризам каков што сака и е базиран врз различно разбирање на меѓународниот поредок“.
Тој додаде дека кризата предизвикана од корона вирусот го влошила ривалитетот меѓу Кина и САД затоа што двете земји се обвинуваат меѓусебно за ширењето на пандемијата.
Борел ги критикуваше ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп за мултилатеризмот, наведувајќи дека тој го гледа како „игра во која Америка може се да загуби“.