Киус Кели (48) бил болничар во њујоршката болница „Маунт Синај Вест“, каде што работел со заболени од корона вирус. Тој сокрил од семејството дека и самиот се разболел, а неговата сестра дознала дури кога бил приклучен на респиратор.
Таа за „BuzzFeed News“ открива дека тој ѝ јавил на 18 март дека е на респиратор, но дека се чувствува добро. Нивните родители знаеле дека тој е позитивен на Ковид-19, но тој негирал колку е сериозна неговата состојба.
– Тој секогаш нè заштитуваше. Тој не сакаше да се грижат нашите родители – изјавила неговата сестра, Марја Патрис Шерон.
Таа понатаму открива кои биле последните зборови што ги слушнала од нејзиниот брат пред неговата смрт.
Се обидов да му поставам уште неколку прашања, но тој рече дека не може да зборува: „Ќе се задушам ако пробам да зборувам. Не можам да дишам. Те сакам“, ми рече тој. Потоа рече дека е изморен и дека сака да спие – вели сестра та.
Шест дена подоцна, болницата ги известила дека Киус починал. По неговата смрт, Марја одлучила да проговори за условите во кои лекарите и болничарите работат во постојан контакт со пациентите со корона вирус.
Поради недостаток на опрема, тие се принудени да се снаоѓаат на различни начини, а објавена е и фотографија на која персоналот во болницата каде што работел Киус се заштитува со ќеси за ѓубре.
Марја верува дека Киус можеби ќе ја избегнел заразата доколку имал соодветната опрема, пишува „BuzzFeed News“, а сега се бори неговите колеги да имаат подобри шанси.
– Мислам дека Киус би сакал да ги спаси сите во неговиот оддел, сите во болницата и сите други во оваа ситуација. Тоа мора да се направи. Јас можам да останам дома и да се справам со тагата подоцна, но сега мораме да спасуваме животи – вели таа.
Американските лекари и медицински сестри, честопати се меѓу првите жртви на корона вирусот.