Свет 17. декември 2020. / 12:19

Bitcoin за првпат ја надмина својата вредност од 23.000 долари

Bitcoin за првпат ја надмина својата вредност од 23.000 долари

Најпопуларната крипто валута Bitcoin за првпат во историјата надмина 20 000 долари. Ова е нов рекорд, а во моментов крипто-валутата се тргува за околу 23 000 долари.

Максималната забележена вредност е 23770 долари, но оттогаш вредноста се коригира и сега на „Coindesk“ е 22 600 долари. Само во последните 24 часа вредноста на валутата рипна 16 проценти. Вртоглавиот скок во однос на доларот е постигнат по интересот на големи инвестициски компании.

-Иако сум оптимист за долгорочната вредност на Bitcoin пред четири години имавме слична ситуација, пробивање на нови граници, и по 2 недели пад за една третина. Историјата не се повторува секогаш, но ова нека биде лекција да бидеме внимателни, вели Глен Гудман, автор на книгата „The Crypto Trader“.

Претходната највисока вредност од околу 20000 долари, Bitcoin ја имаше во 2017. Валутата тогаш на кратко се приближи до оваа бројка, но набрзо имаше значителен пад. Во март оваа година Bitcoin чинеше „само“ 3600 долари.

Засега нема одговор на прашањето „Колку високо може да оди Bitcoin?“. Крипто-валутата помина неколку бариери и засега не делува дека ќе запре. Дел од експертите веќе проценуваат дека вредноста во следните неколку денови може да надмине и 25 000 долари. Од друга страна, дел од сомничавите експерти предупредуваат дека Bitcoin е преценет за 50 отсто.