Германската компанија Бионтек денес започна со производство на својата вакцина против коронавирусот во нова фабрика во германскиот град Марбург, која треба да го забрза снабдувањето со вакцината до крајот на годината.
„Првите вакцини ќе бидат испорачани на пазарот на почетокот на април“, се вели во соопштението на компанијата.
Производството допрва треба да биде одобрено од Европската агенција за лекови (ЕМА), а целата потребна документација треба да се достави во текот на февруари и март, по што се очекува издавање на дозвола за работа.
Властите во сојузната покраина Хесен, каде се наоѓа погонот, веќе издадоа дозвола за започнување со работа.
Во првата половина на оваа година, новата фабрика треба да произведе 250 милиони дози вакцина против коронавирусот, а кога фабриката ќе работи со полн капацитет, тука треба да се произведуваат 750 милиони дози вакцина годишно.
Со отворањето на новата фабрика, Бионтек и нејзиниот глобален партнер Фајзер сакаат да ја постигнат целта за глобално производство од две милијарди дози вакцини во тековната година. Бионтек ја купи фабриката во Марбург од швајцарската компанија Новартис во септември.