Свет 18. февруари 2021. / 09:21

Биланс од вакцинацијата во ЕУ: 7 милиони примиле две дози, до септември вакцинирање на 70% од населението на Унијата

Биланс од вакцинацијата во ЕУ: 7 милиони примиле две дози, до септември вакцинирање на 70% од населението на Унијата

Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, објави дека до сега во ЕУ пристигнале околу 33 милиони вакцини, 22 милиони жители биле вакцнирани со една доза, додека 7 милиони ја примиле и втората доза.

Вакцинацијата низ Унијата започна на 27-ми декември, со исклучок на Германија и Унгарија кои започнаа со процесот на имунизација ден порано.

Во моментов, во ЕУ одобрени се три вакцини: „Фајзер/Бионтек“ (до 600 милиони дози), „Модерна“ (160 милиони дози) и „Астра Зенека“ (до 400 милиони дози), а ЕК има потпишано договори за набавка на вакцини за ЕУ ​​со „Џонсон и Џонсон“, „Санофи-ГСК“ и „КјурВак“.

До денес, „Санофи- ГСК“ и „КјурВак“ сè уште немаат поднесено барање за одобрување на своите лекови на пазарот на ЕУ, а „Џонсон и Џонсон“ тоа го направи во вторникот.

Јужна Африка е првата земја која почна да ја користи вакцината на „Џонсон и Џонсон“

Вчера, Европската комисија го одобри вториот договор за набавка на вакцината „Модерна“, за дополнителни 300 милиони дози, а потоа и втор договор со германската компанија „БионТек“ и „Фајзер“ за набавка на дополнителни 300 милиони дози од вакцината.

Врз основа на договорите, земјите од ЕУ ќе имаат пристап до над 2,3 милијарди дози вакцини против коронавирус. Очекувањата се дека до средината на септември, околу 70% од Европејците ќе бидат вакцинирани.