Шефот на единицата за интензивна нега во една најголемите болници во Белгија предупреди дека состојбата во болниците е повеќе од загрижувачка и повика да се почитуваат мерките, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во интервју за јавниот сервис, РТБФ, докторот Филип Девос, шеф на интензивна нега во болницата во градот Лиеж, кој е моментално најтешко погоден, изјави дека бројката на хоспитализирани овие денови ја надмина мартовската и изрази надеж дека ќе пристигне помош од другите градови.
– Нема да можеме да ја обезбедиме вообичаената нега на едноставен начин, ќе биде многу комплицирано да се фокусираме на било што освен ковид – изјави докторот.
Девос вели дека од март предупредува дека вториот бран може да биде полош од првиот.
– Со епидемиите најчесто вториот бран е полош од првиот поради тоа што се појавува замор и политичка непослушност од населението кон мерките – рече лекарот во интервју.
Од денеска болницата очекува да нема доволно места веќе со оглед на експоненцијалниот раст на случаите на новозаразени, кој е зголемен седумкратно во последните три седмици.
Тој ги повика граѓаните да ја носат својата заштитна маска и да покажат солидарност со здравствените работници преку почитување на мерките.
Белгиската влада минатата недела донесе одлука да ги затвори сите ресторани и кафулиња, да воведе полициски час од полноќ до пет наутро, и побара задолжително да се работи од дома ако е возможно