Свет 06. февруари 2020. / 15:36

Белгија ја стопира продажбата на оружје на саудиските воено-воздухопловни сили

Белгија ја стопира продажбата на оружје на саудиските воено-воздухопловни сили

По години критики и повици да му се стави крај на извозот на оружје во Саудиска Арабија, властите на регионот Валонија, каде што се наоѓа најголемата фабрика за оружје во Белгија, донесоа таква одлука.

Продажбата на оружје во 2018 година на Валонија и донела профит од 950 милиони евра, од кои 225 милиони само од извозот во Саудиска Арабија. Токму 2018 година била најплодна година за секторот со зголемување од 37 отсто.

Граѓанските организации во Белгија со години алармираат дека продажбата на оружје на Саудијците е нелегална и дека тоа оружје се користи во најкрвавите војни, како во Јемен.

Валонија извезува најмногу оружје во земјите на ЕУ, но Саудиска Арабија е нејзиниот најголем клиент.

– По разни консултации и ригорозна анализа на геостратешките, етичките и економските димензии на повеќе барања за лиценци, претседателот на владата донесе две одлуки во однос на лиценците за Саудиска Арабија. Што се однесува до лиценците за воено-воздухопловните сили на саудиското Министерство за одбрана одлучено е да не се додели лиценца – порачаа од кабинетот на претседателот на владата на Валонија, Елио Ди Рупо.

Властите на Валонија се повикуваат на „драмата во Јемен“ како главна причина за стопирањето на извозот кон оваа земја.

Лиценцата за извоз на оружје за други саудиски институции, сепак, е обновена.