Свет 28. јануари 2021. / 10:29

Бајден воведе забрана за продажба на оружје на Блискиот исток

Бајден воведе забрана за продажба на оружје на Блискиот исток

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден воведе привремена забрана за продажба на оружје и воена опрема на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Според западните медиуми, администрацијата на Бајден одлучи да ја ревидира продажбата на оружје одобрено од поранешниот претседател Доналд Трамп, меѓу другото и продажба на високо-прецизно оружје на Ријад и ловци Ф-35 на Обединетите Арапски Емирати.

Во моментов се „проценуваат трансакциите за испорака на оружје вредно милијарди долари“. Покрај тоа, Вашингтон сака да биде сигурен дека оружјето што во моментот се испорачува нема да се користи во Јемен.

– Стејт департментот привремено ја прекинува реализацијата на голем број недовршени испораки на оружје и продажба во рамките на извозот на оружје со цел да му даде можност на новото раководство да изврши ревизија (продажба), се наведува во соопштението на претставниците на американскиот оддел за надворешна политика.

Не е прецизирано кои договори биле суспендирани точно.

Претходно, Ројтерс, повикувајќи се на свои извори, соопшти дека Обединетите Арапски Емирати потпишале договор со Соединетите држави за набавка на 50 ловци Ф-35 и 18 борбени беспилотни летала. Договорот, наводно, бил потпишан на 20 јануари, околу еден час пред Џо Бајден да ја преземе функцијата претседател на Соединетите држави.