Американскиот претседател Џо Бајден планира во вторник да потпише указ за модернизација на имиграцискиот систем, подоцна отколку што се очекувало.
Бајден подоцна ќе го потпише указот бидејќи потврдата од новиот шеф на Министерството за домашна безбедност била одложена, соопшти денеска Белата куќа.
– Претседателот Бајден во вторник ќе се обрати и ќе потпише извршна наредба за модернизација на нашиот имиграциски систем, изјави Псаки пред новинарите.
Портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, исто така рече дека Алехандро Мајоркас ќе ја предводи работната група за повторно обединување на семејствата на мигранти разделени на американско-мексиканската граница поради мигрантската политика на поранешниот претседател Доналд Трамп.
– Работната група ќе биде предводена од шефот на Министерството за домашна безбедност откако ќе биде потврдено, додаде таа.
Демократот Бајден вети дека ќе поништи многу од политиките на неговиот претходник, републиканецот Трамп, а процесот може да трае со месеци и години, објави Ројтерс.