Свет 29. октомври 2020. / 19:00

Бајден вети дека како претседател приоритет ќе му бидат правата на ЛГБТ заедницата

Бајден вети дека како претседател приоритет ќе му бидат правата на ЛГБТ заедницата

Кандидатот за претседател од Демократската партија, Џо Бајден вети дека ако победи на претседателските избори во САД, што ќе се одржат во вторник, еден од неговите приоритети ќе биде да го донесе Законот за правата на ЛГБТК заедницата.

Бајден се обврза да го донесе и Законот за еднаквост и да се обиде да го потпише изменетиот историски закон за граѓански права во првите 100 дена од претседателската функција. .

Законот за еднаквост треба да ги заштити американските граѓани од дискриминација врз основа на сексуален или родов идентитет со дополнување на Законот за граѓански права од 1964 година, со кој се забранува дискриминација врз основа на раса, религија, пол и национално потекло.

Бајден, еден од водечките поборници за правата на ЛГБТК за време на неговиот мандат како потпретседател на претседателот Барак Обама во периодот 2009-2017 година, за „Филаделфија Геј Њуз“ изјави дека ќе ги унапреди овие права на меѓународен план со споменување на законот , ако влезе во Белата куќа во јануари.

Тој ги достави упатствата за својата политика во врска со правата на ЛГБТК преку е-пошта до уредникот на списанието, Марко Сегал, активист за правата на хомосексуалците од 1970-тите.

Донесувањето на законот за еднаквост ќе биде еден од законодавните приоритети во текот на моите први 100 дена на функцијата, приоритет на кој се спротивставува Доналд Трамп – вели Бајден во интервјуто.

Сепак, како што потсетува „Ројтерс“, Трамп беше првиот претседател на Републиканската партија кој ги спомна правата на ЛГБТК во својот говор и назначи луѓе кои припаѓаат на таа заедница во судовите и во неговиот кабинет.

Портпаролката на тимот на Трамп, Саманта Загер, изјави дека Демократската партија „премногу долго ги присвојувала гласовите на ЛГБТК Американците кои сега наоѓаат свој дом во Републиканската партија“.

Во 2019 година, американскиот Претставнички дом го донесе Законот за еднаквост под демократско мнозинство, кој заглави во Сенатот под контрола на републиканците.

За законот да помине во двата дома на Конгресот, на Бајден ќе му треба демократите да го задржат мнозинството во Претставничкиот дом и да ја преземат контролата врз Сенатот.